Харадинај: Приштина ќе одговори на евентуално прогласување автономија на Србите во северно Косово

201

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска по седницата на косовскиот Совет за национална безбедност ги предупреди Србите од северно Косово дека Приштина ќе одговори на нивниот можен обид за прогласување на автономија.

– Никој нема право да превзема унилатерални акции, изјави Харадинај на конференција за печатот, додавајќи дека нема да се толерира кршењето на косовските закони.

Харадинај најави и дека работната група утре ќе може да го поднесе извештајот за нацртот на статутот на Заедницата на српски општини.

Според него, досега се чекало на исполнување на таа обврска од договорот од Брисел, со цел властите во Приштина да бидат „сигурни дека статутот на ЗСО е во рамките со косовските закони“.

Како што јави Танјуг, медиумите во Приштина наведуваат дека причина за одржувањето на денешната седница на Совет за национална безбедност се наводните информации дека Србите во северно Косово утре ќе прогласат автономија, поради неформирањето на ЗСО од страна на Приштина.

– Ако некој излезе од косовските закони и договори, законот ќе работи, нема дилема, ќе го добие својот одговор. Тоа се однесува и за северно Косово. Секогаш сме го поздравиле пристигнувањето на секој граѓанин на светот во кој било дел од Косово, а секој што влегува на територијата на Косово, со цел на нарушување на јавниот ред и мир, ќе добие одговор во согласност со законот, изјави Харадинај.