Харадинај го разреши министерот Рикало, се очекува изгласување на Буџетот на Косово

146

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај го разреши министерот за земјоделство, Ненад Рикало, кој доаѓа од партијата на Србите во Косово, Српската листа (СЛ), со што го исполни условот на Социјалдемократската партија (ПСД) за да го гласа Буџетот на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста ја соопшти самиот Харадинај на својот официјален профил на Фејсбук, каде што ја објави и одлуката со која го разреши Рикало.

– На господинот Рикало му изразувам благодарност за соработката во времето додека беше активен како министер во Владата на Косово. Во политичките процеси кои се пред мене, ќе ја почитувам заложбата од секоја личност, министерот Рикало беше почитуван министер во Владата на Република Косово. Соработката со претсавниците на сите заедници и со претставниците на српската заедница ќе продолжи и покрај сѐ – напиша Харадинај.

Еден од условите на ПСД за да гласа за Буџетот на државата, покрај формирањето државен тим за преговори со Србија, беше разрешувањето на Рикало, кого оваа партија го обвинува за неколку коруптивни афери, како што е доделувањето тендери на фирма зад која стои неговата сопруга, како и на фирми на негови сопартијци.

Без десетте гласови на формално опозициската партија на Шпенд Ахмети, владејачката коалиција го нема потребното мнозинство за изгласување на буџетот.

Сединицата на Собранието на Косово, на која, меѓу другите точки на дневниот ред и гласањето за Буџетот, е закажана за денеска.