Харадинај бара поддршка од сите земји во светот за зачленување на Косово во Интерпол

32

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, изјави дека е време Полицијата на Косово да стане дел од најголемите полициски организации, Интерпол и Европол и за таа цел ја побара поддршката од сите земји во светот, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Доколку Косово се зачлени во Интерпол годинава, никој нема да изгуби ништо, освен меѓународниот криминал. Погрешно е од сите земји во светот ако не го помогнат Косово да стане дел од Интерпол, изјави Хардинај на одбележувањето на Денот на Полицијата на Косово.

Како што е најавено, за барањето на Косово за зачленување во Интерпол ќе се гласа на наредното Генерално собрание на организацијата, што ќе се одржи од 16-21 ноември во Дубаи во Обединетите Арапски Емирати. На претходното Генерално собрание, одржано во Пекинг во септември минатата година, Косово го повлече барањето за зачленување пред самото гласање, бидејќи ги немаше обезбедено потребните гласови.