Харадинај бара од Ватикан да го признае Косово

684

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај престојува во официјална посета на Ватикан, каде што денеска се сретна со државниот секретар Пјетро Паролин.

По средбата, Харадинај објави дека побарал од Светата столица да го признае Косово како независна држава.

– Косово е во потрага по дипломатско партнерство со Државата Ватикан и за таа цел, признавањето од страна на Светата столица е потребен чекор – напиша Харадинај на својот профил во Фејсбук.

Тој во својата порака ги нагласува верските слободи и евроатлантската ориентација како неприкосновени вредности на Косово.

– Косовската држава е значаен фактор на мирот и стабилноста и промотор на добрососедството. Денешната посета и официјалниот прием кај кардиналот Паролин се доказ за нашата ориентација, во правец на воспоставување стратешко партнерство со Ватикан – напиша Харадинај, додавајќи дека од државниот секретар бил „охрабрен да продолжи по евроатлантскиот пат“.

Кабинетот на Харадинај вчера најави дека за време на престојот во Ватикан, тој ќе биде примен на аудиенција кај поглаварот на Католичката црква, папата Франциск.