Фудбалската еуфорија предизвика потрошувачка треска

39

За време на Светското фудбалско првенство во Москва, хрватските граѓани трошеле повеќе во споредба со истиот период од претходните години, што се должи на еуфоријата што ја зафати земјата по успехот на хрватската репрезентација. Од почетокот на првенството до освојувањето на второто место потрошувачката во Хрватска достигнала девет милијарди и 200 милиони куни, истакнуваат во Хрватската стопанска комора.

– Прометот во трговијата пораснал за пет отсто, и тоа најмногу во деновите пред натпреварите и на денот на настапот на националниот тим, и тоа од 11 до 14 отсто. Ова се навистина добри показатели – изјави Томислава Равлиќ, директорка на Секторот за трговија во ХСК, за „Дневник“.
Хрватските потрошувачи, односно навивачи, во изминатите триесетина дена купувале 80 отсто повеќе грицкалки и 70 отсто повеќе пиво. Најголем пораст на продажбата имало кај телевизорите, а вкупниот промет пораснал за 400 отсто.

– Со секоја наредна победа на репрезентацијата продолжуваше порастот на продажбата на телевизори. За разлика од претходните години, кога излегуваа порано од натпреварот, се намалуваше и продажбата – вели Ванда Крист, раководителка на маркетинг-служба во фирма за продажба на техничка стока.
Не трошеле само Хрватите, потрошувачката треска ги зафатила и туристите. За време на првенството во Хрватска престојувале 3,8 милиони странски гости. Тие поради добрата атмосфера за време на полуфиналните натпревари и за самото финале го продолжувале својот престој во Хрватска, велат од Туристичката заедница на Хрватска.

За време на првенството најмногу се трошело во текот на полуфиналната фаза и натпреварот со Англија, а угостителите во овој период бележат пораст на прометот од дури 17 отсто. Хрватските медиуми ја објавија и информацијата дека за финалниот натпревар биле издадени и рекорден број кредитни банкарски картички за да можат граѓаните во поголем број да го следат соочувањето на репрезентациите на Хрватска и Франција.