Фронтекс во засилена одбрана на надворешните граници на ЕУ

72

Европската гранична полиција Фронтекс, која беше ангажирана на турско-грчката граница, по одлуката на Анкара да ја крене рампата за илјадници мигранти и бегалци, пристигна во Црна Гора. Ова е втора мисија на европската полиција надвор од Европската Унија, по операциите во Албанија. Црна Гора за мигрантите стана попатна станица по обновување на балканската маршрута за мигрантите од блискоисточните земји. Во првата половина на 2020 година, околу 1.900 лица минале низ системот на азил, а 390 мигранти поднеле барање за азил. Во истиот период на границите од ЕУ и земјите од регионот биле откриени околу 9.300 илегални мигранти, што е за 73 отсто повеќе од првите шест месеци од 2019 година, објави „Ал џезира“.

– Договорот со Фронтекс ќе биде од голема помош во надминувањето и заедничката борба против илегалната миграција, прекуграничниот криминал, шверцувањето мигранти и трговијата со луѓе. Европските полицајци заедно со црногорските ќе вршат гранични проверки, а ЕУ ќе понуди експертска обука и стручна помош во надгледување на деловите на границата со Хрватска – вели Душица Мердовиќ, правна советничка од Граѓанската алијанса во Црна Гора.

На „балканската маршрута“, според податоците на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) од март годинава, најмногу мигранти, бегалци и баратели на азил се регистрирани во Босна и Херцеговина (повеќе од 7.100) и во Србија (6.500). На Босна и Херцеговина ѝ недостигаат околу илјада гранични полицајци. Таа побара соработка со Фронтекс, но Народното собрание на ентитетот Република Српска ја блокира оваа одлука. Од друга страна, слични спогодби како со Црна Гора ЕУ неодамна склучи и со Србија и со Македонија.

Фронтекс може да реагира со најмногу 1.500 припадници на граничната полиција, кои покрај заштита на границите се ангажираат на откривање фалсификувани документи, како и регистрација на барателите на азил. До 2027 година се очекува бројот на европските граничари да биде 10.000, објаснува Армин Кржалиќ, професор на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии во Сараево.
Но според неговото мислење, земјите од регионот не може да очекуваат помош само од Фронтекс за да се ублажи мигрантската криза. За нивната работа имаше и критики од хуманитарните организации, затоа што поморските гранични служби ги одвраќале чамците со мигранти што пловеле во Средоземно Море, а со тоа не можеле да дојдат до брегот и да побараат азил.