Формирање грчки совет за национална безбедност

113

Совет за надворешна политика во грчкото МНР, под претседателство на шефот на грчката дипломатија, го отвори патот за формирање совет за национална безбедност на Грција.

– Знаете дека земјата има потреба од повеќе координација и планирање во кризните прашања, во прашањата со големите национални проблеми, дека е потребно да се подготвуваме за алтернативни сценарија и нашата процена е дека за да се спроведе ова успешно, потребно е да постои една институција, како што постои во многу земји во светот, а тоа е совет за национална безбедност, предводен од советник за национална безбедност – објасни шефот на грчката дипломатија по завршувањето на состанокот и додаде дека советникот за национална безбедност ќе ги координира министерствата, а заедно со премиерот ќе ги известува лидерите на политичките партии.

Советникот за национална безбедност ќе го поставува премиерот, а ќе има должности и обврски како да е министер.

Никос Коѕијас објасни дека според она што го предвидуваат во предлог-законот што се подготвува и ќе треба да го одобри грчкиот парламент, советот ќе го сочинуваат министри, но и официјални лица, чиј предмет на работа е поврзан со безбедноста на земјата.

– Имаме и второ ниво, каде што премиерот заедно со советникот за национална одбрана ќе ги информира лидерите на политичките партии за разговорите, плановите и алтернативните сценарија создадени во првото ниво. Ова е оригиналност во нашиот закон што не постои никаде во меѓународното ниво – рече шефот на грчката дипломатија, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на составот на советот за национална безбедност.

Одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, порано го напушти состанокот, бидејќи беше одбиено неговото барање да се прошират разговорите и со други теми, како што се односите на Грција со Албанија, ситуацијата на Балканот, грчко-руските односи и сл.