Формирањето на косовската војска е политички маневар со кој се сокриваат позначајни цели?

2854

Зголемените такси за српските производи и формирањето на косовската војска се сметаат за популарни потези меѓу Албанците на Косово, но познавачите на состојбите посочуваат дека тие нема да се преточат во поддршка за косовскиот премиер Рамуш Харадинај, односно за претседателот Хашим Тачи, кој наводно води разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ за непопуларното прашање на размена на територии, пренесува „Њујорк тајмс“.

– Популарно е да се напаѓа Србија. Но луѓето не се слепи за политичкото маневрирање во многу осетливата ситуација, како и за преголемите ветувања на двајцата политичари што претставуваат симбол на корумпираното водство на Косово – вели Агрон Бајрами, уредникот на косовскиот весник „Коха диторе“, додавајќи дека воинствените зборови на Србија, не значат дека ќе дојде до нова војна.

Според Бајрами, Србија е свесна оти воените потези би предизвикале судир со НАТО, како што Косово знае дека неговите безбедносни сили не би можеле да и се спротистават на српската армија.

– Усвојувањето на законите за трансформирање на нашите безбеносни сили, не значи дека следниот ден ќе имаме војска подготвена да дејствува. Тоа е првиот чекор и тој е симболичен. Тоа е чекор што треба да ја потврди косовската државност. Србија не го признава Косово како држава, па затоа жестоко се противи на создавањето на уште една институција, на армијата – смета Бајрами.