ФАЦ: ЕЕЗ е алтернативата за Западен Балкан

252

Никој веќе реално не верува дека проширувањето на Европската Унија ќе продолжи со шесте држави од Западен Балкан, или дури и само со некоја од нив, во наредната декада, пишува вчерашен „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во анализа во која како алтернатива се споменува членството во Европската економска зона.
– Веќе и со актуелните 27 земји-членки, во однос на надворешнополитичките, буџетските и другите прашања што бараат едногласност, ЕУ честопати има тешкотии, а понекогаш и воопшто не е способна да дејствува. Во една унија со 33 членки тоа ќе биде уште потешко. Можете да си замислите што ќе значи кога Србија како членка ќе има право на вето по прашањето за односите на ЕУ со Русија – пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
ЕУ не сака целосно да се одвои од балканското соседство, а „рецептот, кој секогаш одново се споменува, гласи: полноправно членство на балканските држави во единствениот европски пазар. Со други зборови, целосно економско учество без право на политички збор“, се наведува во текстот на германскиот весник.
За овој концепт (кој првпат беше изложен од Гералд Кнаус, по француското вето во октомври 2019, н.з.) во меѓувреме се залага и долгогодишниот германски европратеник и член на претседателството на владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, Елмар Брок, пренесува „Дојче веле“.