Фасцинантниот подводен свет

60

За својата подводна фотографија на фасцинантни паразити што живеат на риби, фоторепортерот на фотосервисот „Кропикс“, Срѓан Вранчиќ, доби светско признание. Освен Вранчиќ, како што пренесе „Јутарњи лист“, хрватскиот тим од подводни фотографи, кој учествувал на 17-то Светско првенство во подводна фотографија и видео на островот Тенерифе, одржано од 17 до 22 септември, го сочинувале и фотографите: Дамир Зуруб, Катарина Михаљинец и Мартина Грачиќ.

– Морето во кое фотографиравме е специфично по ’рскавичните риби и по големите желки, па тоа беше и тема на годинашниов натпревар. Се нуркаше двапати по 90 минути, и тоа на четири различни локации на длабочина од 15 до 25 метри. Во категоријата макро, мене и на асистентката Грачиќ ни успеа со фотоапаратот да уловиме примерок на риба на кој се населило цело семејство паразити, од кои најголемиот имаше два сантиметри. Таа иста риба ја воочивме на тренингот пред натпреварот, за да ја најдеме подоцна – рекол Вранчиќ, напоменувајќи дека улогата на асистентот при подводното фотографирање е многу важна.

На ова првенство на кое учествуваат фоторепортери и видеосниматели од целиот свет годинава учествувале 93 натпреварувачи од 20 земји.