Факултетите немаат желба да се борат против плагијаторите

56

Недостигот од средства и желба се причините поради кои факултетите во Србија не сакаат да набавуваат софтвери за откривање препишани научни трудови

Државните универзитети во Србија се немоќни во спречувањето на плагијаторството при пишување на докторските дисертации, затоа што овие високообразовни институции немаат финансиски средства за набавка на нов софтвер за проверка на научните трудови. Универзитетите не можат поединечно да ја покријат оваа инвестиција, па од нивната Конференција (КОНУС) поднеле заедничко барање до Министерството за образование на Србија да помогне при наоѓањето доставувач што ќе испорача софтвер по поволни цени, пишува „Вечерњи новости“.

Досега факултетите и универзитетите во Србија се снаоѓаа на различни начини за да извршат проверка на веродостојноста на научните трудови.

– Оваа програма е доста скапа. Сметаме дека е подобро Министерството за образование да помогне во набавката на софтверот. Тоа ќе овозможи и пониски цени за сите членки на КОНУС – вели Иванка Поповиќ, ректор на Универзитетот во Белград.
Од 2015 година сите високообразовни установи определија процедура за утврдување на оригиналноста на докторските дисертации. Некои од нив беа претплатени на тригодишна лиценца за програмски пакет преку проектот „Еразмус“, некои користеа сопствени програми.

Економскиот факултет во Белград пред неколку години набави софтвер за проверка на основни, мастер и на докторски студии.
– Софтверот е добра превентивна мерка за студентите да не се препуштаат на плагијаторството. Во првата година се откриени 30 плагијати. Беа изрекувани дисциплински мерки, а со текот на времето бројот на препишани трудови се намалуваше – вели деканот Бранислав Боричиќ.

За да им се олесни и на студентите, Економскиот факултет ги намали бројот на потребните страници на определен труд. Софтверот што се користи на оваа институција работи според принципот на маркирање на текстот и наведува на изворните текстови од кои се користени реченици или пасуси. Овие програми чинат од две до десет илјади евра. Колку е повисоко нивото на студии, и цените на опремата се повисоки. Но за набавката на вакви софтвери некогаш и не е прашање на недостиг од средства, туку на отсуство на желба на факултетските управи тој да се набави, велат од Економскиот факултет во Белград.