Уставен суд без судии поради „прочистувањето на корумпираните“

40

Процесот на прочистување на правосудните институции и полицијата во Албанија од корумпирани личности или лица што биле или се дел од криминални структури не го мина уште еден уставен судија, со што практично Албанија остана без Уставен суд, бидејќи проверката не ја минаа повеќе од половина од неговите членови.
Последен во низата уставни судии што не го минаа процесот е Гани Диздари, за кого независната комисија за верификација донесе одлука дека го разрешува од функцијата член на Уставниот суд, бидејќи при контролата „имало проблеми кога станува збор за неговиот имот и интегритет како личност“.
– „Паѓањето“ еден по еден на членовите на Уставниот суд ги извади на виделина гнилиот албански правосуден систем и потребата за темелно чистење на ликот на судијата. Нефункционирањето на Уставниот суд го втурна судскиот систем во институционална и уставна криза, што сериозно им штети на аспирациите на Албанија кон Европската Унија – констатира весникот „Шекули“.

Како што јави дописникот на МИА, весникот потсетува дека поради „непостоење“ на оваа институција, актерите, невладиниот сектор и опозицијата што се против уривање на објектот на Националниот театар не може да поднесат барање за утврдување на уставноста на донесениот закон од страна на парламентот, па сега единствениот спас го гледаат во претседателот Илир Мета, од кого побараа да не го потпишува законот.
Уставниот суд е составен од девет члена, од кои три именува шефот на државата, а уште по три члена избираат Собранието и Врховниот суд на Албанија. Судиите на Уставниот суд имаат мандат од девет години, без право на реизбор.
Кога почна процесот на прочистување на полицијата, околу 500 полицајци самоволно ја напуштија службата, не поднесувајќи формулари во кои треба да наведат податоци за нивната материјална положба пред да почнат со работа и нивната сегашна состојба, додека 8.000 нивни колеги го сторија тоа. Процесот на прочистување не го минаа и повеќе судии и обвинители.