Унгарија донира боцкава жица за границата

54

Црна Гора

Црна Гора доби од Унгарија боцкава жица за заштита на границата со Албанија од илегални имигранти, соопшти синоќа црногорскиот премиер Душко Марковиќ, по средбата со својот унгарски колега Виктор Орбан во Подгорица.
Марковиќ рече дека Црна Гора е подготвена за одбрана на границата од евентуално зголемување на приливот на мигранти, истакнувајќи дека сѐ уште нема основа за поставување жица на границата со Албанија.
Тој потсети дека Црна Гора во 2015 година направи план за одговор на мигрантската криза.

Црногорскиот премиер додаде дека Владата е благодарна за донацијата на Унгарија во вид на спирална жица, доволна за покривање 25 километри од границата.
Виктор Орбан оцени дека балканската бегалска маршрута треба да остане затворена и вети дека ќе ѝ помогне на Црна Гора во справувањето со проблемот со нелегалната миграција.

– Кога Црна Гора ги брани своите граници, ја брани Унгарија и целата Европска Унија – рече Орбан.
Според него, Европа сѐ уште прави сериозни грешки и не сака да се сфати дека е потребно воздржување од потези што во Африка или на Блискиот Исток може да се толкуваат како „повик“.

Црна Гора во текот на оваа година за одбрана ќе потроши 71 милион евра, што претставува 1,7 отсто од БДП. Црна Гора троши по 129 долари по жител, додека најмалку од земјите-членки на НАТО троши Албанија, со 60 долари. До 2024 година земјата ќе треба да издвојува два отсто од БДП, што е барање на администрацијата на НАТО. Во извештајот на НАТО, Црна Гора, според издвојувањето за трошоците за одбрана, споредено со БДП, се наоѓа на десеттото место меѓу земјите-членки на Алијансата.