Украдени 109 дела од националното богатство на БиХ

69

Босна и Херцеговина

Центарот против шверцување уметнички добра од Тузла објави база на податоци за 109 украдени дела што се национално богатство на Босна и Херцеговина, а меѓу нив се и четирите слики од личната колекција на семејството Мулабдиќ. На страницата на Интерпол за БиХ, се трага по 27 уметнички дела. Според податоците на оваа организација, околу шест отсто од вкупната илегална трговија со уметнички дела во светот се одвива на просторот на Југоисточна Европа.

Центарот против шверцување уметнички дела беше организатор на конференцијата на која првпат се разгледуваше проблематиката со илегалната трговија во БиХ. На оваа конференција беше посочен примерот со Едхем Мулабдиќ од Босански Нови. Тој во својот стан оставил вредни уметнички дела, а станот му го чувал соседот, кој во 1993 година се отселил во Нови Сад. Со себе ја понел и приватната колекција што ја собирал Мулабдиќ, а меѓу нив се четирите слики што се прогласени за национален споменик на БиХ. Сега тие дела се наоѓаат кај приватен колекционер во Нови Сад и се прогласени за национален споменик на Србија!

До скоро време кражбата на уметнички дела од приватните колекции, но и од официјални институции што се занимаваат со зачувување на културниот идентитет на граѓаните на БиХ, не се сметаше за сериозно кривично дело. Во БиХ на различни нивоа постојат и различни прописи. Експертите се согласни дека за успешна борба против илегалната трговија со културни добра, потребно е да се формира прецизна база на податоци, односно регистар на културно-уметнички дела што претставуваат културно наследство, кое во поголем дел е незаконски отуѓено.