Убиството на Ивановиќ се користи за политички маркетинг

163

Косово

По неколкумесечен молк во врска со истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ, од Приштина и од Белград најавија дека имаат некои почетни докази за мотивите и за сторителите на овој злосторнички чин. Поклопувањето на изјавите на двајцата претседатели, на Хашим Тачи и на Александар Вучиќ, се насочени кон меѓусебно обвинување и за политички маркетинг пред својата „публика“.
„Вечерње новости“ пишува дека најавите од Приштина за објавување детали за убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива СДП Оливер Ивановиќ, се крие жесток политички судир меѓу претседателот и премиерот на косовските институции Хашим Тачи и Рамуш Харадинај.

– Судирот меѓу нив е сѐ подлабок и затоа на Тачи му се брза, наводно, да го расветли убиството на Ивановиќ и за тоа да ги обвини Србите. На сцена е опасен план со кој српските криминалци, кои се кријат во јужната српска покраина од злосторствата сторени во централна Србија, ќе го признаат убиството. За возврат, на овој начин ќе си ја „купат“ слободата, со измена на идентитетот, а за тоа ќе им биде платено и неколку стотина илјади евра. Зад ова стои Тачи, кој сака да собере политички поени и да го стави Харадинај во втор план – пишува во текстот објавен во белградскиот весник.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, во неделата, изјави дека „првпат се на мала трага во врска со убиството на Оливер Ивановиќ“.
– Прв пат сме на трагата на нешто што не е логично, но дали е точно, тоа ќе го проверуваме – изјави Вучиќ.

Претходно претседателот на Косово Хашим Тачи најави дека приштинските власти во блиска иднина ќе објават опипливи резултати од истрагата за убиството на лидерот на косовските Срби и нагласи дека тоа ќе „им предизвика на многумина главоболки и во Косово и во Белград“.