Туск: Самите Срби ќе одлучуваат за својата судбина

890

Иднината на Србија нема да ја одлучува ниту Москва, ниту Вашингтон, како ни Анкара, ни Брисел, туку самите Срби ќе одлучуваат за својата судбина, изјави претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск на заедничка прес конференција во Белград со српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Ќе одлучува само Белград. А ЕУ е место каде никој никому ништо не наметнува. Затоа вреди на ЕУ да се гледа како на проект со стратешка димензија за просперитет, за висок стандард, демократија, со владеењето на правото и слобода на говорот, безбедност и взаемно почитување со зачувување на националниот идентитет – рече Туск.

Тој додаде дека со Александар Вучиќ разговарал и за состојбата на Западен Балкан, истакнувајќи го залагањето на српскиот претседател за дијалог со Приштина, кое е „тешко прашање со голем емотивен набој“, но и дека ова прашање е стратешки избор кој на крај ќе се исплати.

Вучиќ кратко се осврна на косовското прашање, истакнувајќи дека е важно да се дојде до компромисно решение, а најмногу внимание на прес-конференцијата посвети на економските прашања, инфраструктурните проекти и помошта од ЕУ.