Турција ќе ги интензивира ЕУ реформите, очекува визна либерализација

28

Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу денеска изјави дека во претстојниот период приоритет за Турција ќе биде исполнување на реформите потребни за прием во Европската унија, по што земјата ќе очекува да види резултати, вклучително и во нејзиното барање за визна либерализација за турските државјани во ЕУ.

Чавушоглу рече дека државата забрзано ќе работи на реформите во правосудството, човековите права и слободи, кои ЕУ ги бара од Турција. Турција и ЕУ постигнаа договор за визна либерализација како дел од договорот за запирање на мигрантската криза од 2016 година, но по обидот за државен удар во Турција овие разговори беа прекинати.

Чавушоглу додаде дека не очекува отворање на нови поглавја во турските преговори со ЕУ додека Австрија претседава со Унијата, имајќи го предвид силното противење на Австрија на турскиот прием во ЕУ. Сепак, според министерот, Турција очекува одново да почнат разговорите за модернизирање на трговскиот договор со Европската унија.