Турција се справува со трагедијата предизвикана од силниот земјотрес

228

Бројот на загинати од силниот земјотрес што вчера го погоди источниот дел на Турција се искачи на 20, a најмалку 920 луѓе се повредени, соопштија официјалните лица.

Земјотресот бил со јачина од 6,9 степени и бил почувствуван во соседните земји, Сирија, Либан и Иран.

Според турската агенција за управување со вонредни состојби, 16 лица загинале во Елазиг, а уште четири во соседната провинција Малатија.

Повредените биле згрижени во болниците во регионот. Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека спасувачите трагаат по 30 лица за кои се верува дека се под урнатините.

Епицентарот на земјотресот, кој предизвика материјална штета, е регистриран на длабочина од 10 километри во провинцијата Елазиг, на околу 550 километри источно од главниот град Анкара, соопшти Евромедитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).

„Ројтерс“ наведе дека земјотресот погодил оддалечена и релативно ретко населена област, па на турските власти ќе им треба уште некое време за да ја проценат точната штета што е предизвикана.


Ердоган: Институциите ги преземаат сите потребни мерки

Надлежните институции и служби ги преземаат сите потребни мерки по земјотресот кој ги погоди источните делови на Турција, изјави синоќа турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, пренесе Агенцијата Анадолија (АА).

– Министрите за урбанизам и животна средина, внатрешни работи и здравство се во подрачјето погодено од земјотресот. Сакам да се знае дека како претседател на државата внимателно ја следам ситуацијата и работата на терен. Сите институции, со АФАД и Црвената полумесечина на чело, се покрај нашиот народ – порача Ердоган.