Турција ги осуди американските санкции против нејзините министри и се закани со контра-мерки

134

Турција ги осуди санкциите од САД за министрите за правда и за внатрешни работи и повика тие да бидат повлечени.

„Без сомнение, оваа одлука, што е еднаква на несоодветно мешање во нашиот судски систем, е во спротивност на духот на нашите односи со САД и ќе нанесе тежок удар на конструктивните напори за решавање на проблемите меѓу двете земји“, се наведува во реакцијата на турското Министерство за надворешни работи.

Турското МНР ги повика САД да ја „укинат таа погрешна одлука”, предупредувајќи дека „агресивното однесување нема да послужи на никаква цел и ќе биде пречекано со одмазднички мерки без какво и да било одложување”.

Белата куќа вчера соопшти дека САД воведуваат санкции против турските министри за правда и за внатрешни работи Абдулахит Ѓул и Сулејман Сојлу во врска со случајот со американскиот свештеник Ендру Бренсон, кому во Турција му се суди за тероризам.

– Сметаме дека тој е жртва на неправеден и неоправдан однос од страна на турската влада, изјави портпаролот на Белата куќа, Сара Сендерс. – Како резултат на тоа, секој имот или интерес во имот на двајцата министри, согласно американското законодавство, е блокиран, а на американски државјани им се забранува да вршат трансакции со нив, додаде Сендерс.

– Обидот на САД да воведат санкции на двајца наши министри нема да остане без одговор, истакна турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу. Тој напиша на Твитер дека САД и Турција „не можат да ги решат меѓусебните проблеми се додека американската администрација не сфати дека нема како да ги оствари своите нелегални барања со сличен метод”.

Турскиот министер за правда напиша на Твитер дека нема имот или пари надвор од земјата.

Бренсон е обвинет за соработка со мрежата на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен, како и со Курдската партија со цел да напреави хаос во земјата . На Бренсон му се заканува казна затвор од 15 години за соработка со мрежата на Ѓулен, која се смета за одговорна за обидот за државен удар во Турција, како и за соработка со Курдската работничка партија, која во Турција е прогласена за терористичка организација. Уште 20 години затвор може да добие доколку биде прогласен за виновен по обвинението за шпионажа.

Бренсон во Турција живее повеќе од 20 години, а беше уапсен веднаш по неуспешниот обид за државен удар во јули 2016.

Свештеникот со потекло од Северна Каролина негира каква било вмешаност, додека САД подолг период бараат негово ослободување. По година и пол во притвор, од минатата среда тој се наоѓа во куќен притвор.