Тирана во опасност поради „Народни муџахедини“

202
НАТО вети безрезервна поддршка за Албанија

Приказната за поврзаноста на Албанија со случувањата во Иран трае со години и се однесува на 3.000 члена на т.н. „Муџахедин е кал“ (МЕК), кои престојуваат на албанска територија

По убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани, во почетокот на јануари, Албанија се најде во фокусот на меѓународната политика, поради ескалацијата на судирот меѓу САД и Иран. Духовниот и државен водач на Исламската Република Иран, ајатолахот Али Хамнеи, посочи дека постои „мала, но ѓаволска европска земја, во која Американците, заедно со предавниците на Иран се здружиле против Исламската Република“. Од албанската влада го поздравија убиството на иранскиот генерал, кој беше ликвидиран од беспилотно летало, а веднаш беа протерани двајца ирански дипломати од Тирана, за активностите што не „се во согласност со нивниот дипломатски статус“.

Приказната за поврзаноста на Албанија со случувањата во Иран трае со години и се однесува на членовите на т.н. „Муџахедин е кал“ (МЕК). Оваа иранска организација, позната како „Народни муџахедини“, долго време дејствуваше од соседниот Ирак против исламистичкиот режим во Иран. По симнувањето на режимот на Садам Хусеин, животите на членовите на оваа организација беа загрозени поради ракетните напади на Иран. МЕК за Техеран е терористичка организација. По долготрајни преговори, Албанија, како членка на НАТО, се согласи да прифати повеќе од три илјади приврзаници на организацијата МЕК, пишува „Дојче веле“.
По договорот меѓу албанската и американската влада во 2013 година, тие се преселени на албанска територија. По најновиот развој на настаните, албанскиот премиер Еди Рама изјави дека давањето прибежиште за „народните муџахедини“ претставува ризик за неговата земја.

– Овој ризик е чест за Албанија и претставува континуитет во албанската традиција – изјави Рама, притоа мислејќи на заштитата на Евреите во Албанија во текот на Втората светска војна, од каде што ниеден не им беше испорачан на нацистите.
Претставниците на оваа организација живеат во безбеден камп во близината на албанскиот град Драч. Најновите закани од Иран, по убиството на Сулејмани, беа причина за засилени мерки за обезбедување на кампот. Но правниот советник на организацијата МЕК во Албанија, Беџат Сафари, за „Дојче веле“ вели дека припадниците на „Народни муџахедини“ не можат никаде да се чувствуваат безбедно. Германските служби за безбедност потврдија дека неговата организација е цел на иранската шпионажа.

– Насекаде во светот сме изложени на терор и одмазда од режимот во Техеран – тврди Сафари, кој го поздрави протерувањето на иранските дипломати, како „храбар и достоинствен чекор против тероризмот“.
Згрижувањето на членовите од МЕК неколкупати предизвика напнатост меѓу Албанија и Иран. Во октомври 2019 година, албанската полиција откри терористичка ќелија, која беше управувана од Техеран. Целта на оваа ќелија беше организирање терористички напади против припадниците на МЕК на Балканот. Албанската полиција оваа група ја идентификува како дел од „Ал кудса“, елитна единица на иранската Револуционерна гарда.

– Постои конкретна закана за Албанија од страна на иранскиот режим, особено низ поединечни кибернетички и терористички напади. Тие можат да бидат изведени на албанска територија и во другите земји во кои албанските војници се во состав на меѓународните трупи, особено на Блискиот Исток или во Централна Азија – вели албанскиот стручњак за безбедност Редион Чириази за „Дојче веле“.

Според долгорочната стратегија на Иран, Балканот е порта за пробивот на исламскиот фундаментализам и тероризам во Европа. Американскиот генерал Мајкл Барберо, на конференцијата за безбедност одржана на почетокот на јануари во Тирана, ја предупреди Албанија да биде будна, затоа што на секој американски сојузник му се заканува опасност да стане цел на Иран. Барберо вети безрезервна поддршка за Албанија од страна на САД и на НАТО.