Тензии поради нови бегалски кампови

108

Жителите на Мало Трново минатата недела најавија протести, поради најавите за изградба на камп за бегалци на територијата на поранешната касарна во близината на градот. Според планот на Министерството за внатрешни работи на Бугарија, во кампот ќе престојуваат 280 мигранти, за што се одобрени 1,75 милион лева од Европскиот фонд за азил, миграција и интеграција. Тензии меѓу локалното население имаше и во другите погранични региони со Турција, а најголемиот бегалски камп ќе биде лоциран во Елхово, со капацитет од 1.600 лица.

Дали ќе има бегалски камп во Елхово е тема број еден во градот. Жителите сметаат дека за ова треба да има јавна расправа, додека градоначалникот Петар Киров, за БТВ, изјави дека за оваа идеја разбрал од информацијата што била објавена на сајтот на Агенцијата за јавни набавки.

Од Министерството за внатрешни работи на Бугарија ги демантираат информациите во медиумите дека ќе се градат нови бегалски кампови. Заменик-министерот за внатрешни работи, Красимир Ципов, изјави дека јавните набавки се за подготовка на привремени локации, кога им се јавил притисок со нов бран бегалци од Турција.

Новите бегалски центри ќе бидат ставени во функција кога за тоа ќе одлучи Советот на министри на ЕУ, објасни Ципов.

– Треба да бидеме подготвени, бидејќи никој не дава гаранција дека нема да се појави засилен миграциски притисок. Очекувањата на МВР се дека нема да се случи тоа, но Бугарија треба да биде подготвена да го пречека таквиот бран – велат од граничната полиција на Бугарија.