Тачи телефонски разговарал со Вес Мичел

74

Косовскиот претседател Хашим Тачи објави попладнево дека денеска имал телефонски разговор со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Вес Мичел, со кого разговарал за политичките процеси низ кои минува Косово во моментов и за дијалогот меѓу Косово и Србија.

Тачи и Мичел, според објавата на косовскиот претседател, се согласиле да ги „интензивираат напорите за постигнување конечен договор“ меѓу Косово и Србија.

– Се согласивме да ги интензивираме напорите за постигнување договор, кој еднаш и засекогаш ќе стави крај на непријателствата меѓу Косово и Србија. Договор кој ќе отвори пат за меѓусебно признавање и јасна перспектива за зачленување на Косово во НАТО, ЕУ, ООН и во други меѓународни организации. Помошникот секретар Мичел вети дека Косово ќе има цврста поддршка од САД во овој процес – напиша Тачи.

Вклучувањето на САД и на другите стратешки партнери на Косово во последната фаза на дијалогот со посредство на Европската унија, според косовскиот претседател, „претставува гаранција за целосен успех за постигнување еден историски договор“.

Во објавата на Тачи на Фејсбук по разворот со Мичел, како што јави дописникот на МИА од Приштина, со ниеден збор не се споменува идејата која косовскиот претседател до вчера упорно ја промовираше за „корекција на границите“ со Србија.

Пар часови порано Тачи објави дека се сретнал и со амбасадорите на САД во Приштина и Белград, Грег Делави и Кајл Скот, но ниту во разговорите со нив, според објавата на косовскиот претседател, не станало збор за неговата и идејата на неговиот српски колега Александар Вучиќ за размена на територии.

Во врска со дијалогот со Вучиќ, кој треба да го продолжи на 7. септември, Тачи утрово имаше средба со лидерите на косовските институции, по која премиерот Рамуш Харадинај на новинарите им изјави дека е договорено во Брисел воопшто да не се разговара за размена на територии со Србија. Оваа информација косовскиот претседател не ја коментира.