Тачи се сретнал со Срби од северно Косово

238

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека денеска имал чест да се прошета по северот на Косово и со чамец да се повози по езерото Газивода, на границата меѓу Србија и Косово, јави агенцијата Фена.

Во изјава за медиумите на езерото Газивода, Тачи рекол дека за време на посетата имал посебни емоции. Тој истакнал дека раководството на земјата и особено тој како претседател работат за ново, евроатлантско, мултиетничко Косово.

– Се сретнав со некои локални Срби со кои во пријателски и срдечен разговор испив кафе. Јас им служам на сите граѓани на Косово, рекол Тачи.

Заедно со Тачи во посета на езерото Газивода и преминот Брњак биле и министерот за финансии Бедри Хамза, директорот на Косовската разузнавачка агенција Спенд Ахмети и директорот на Косовската полиција Рашит Џалај.

Агенција пренесе дека сите припадници на РОСУ се повлекле од северот и се вратиле во своите бази откако Тачи ја завршил посетата.

Според приштинскиот сајт „Газета Експрес“, Тачи рекол дека дошол на Газивода за да разговара со Србите и „да ги посети природните убавини“.