Тачи порачува дека Косово е подготвено за компромиси со Србија

165

Косовскиот претседател Хашим Тачи, во своето предавање пред студентите и професорите на Универзитетот во Оксфорд, рече дека Косово е подготвено за компромиси за нормализација на односите со Србија, јавува дописникот на МИА од Приштина.

Според извештаите на косовските медиуми, Тачи рекол дека „изминатите 20 години, од ослободувањето до успешното државотворство“, Косово ги поминало и благодарение на тоа што имала готовност во одредени случаи да прифаќа компромиси.

– Се разбира дека Косово е подготвено за дијалог, подготвено за компромис, подготвено за преговори, подготвено за историскиот договор за нормализирање на односите и помирување меѓу државите. Тоа е единствениот пат за Косово и Србија за да зачекорат кон европската иднина, инаку ќе останеме заложници едните на другите, рече Тачи.

Според него, не е лесно да се убеди светот за постигнувањата до слободата и независноста на Косово.

– Нашата праведна кауза и демократските стандарди кои ги почитуваме дадоа успешни резултати, рече Тачи во Оксфорд, каде што освен што одржа предавање, ја промовираше и неговата биографска книга, објавена на англиски јазик, „Нова држава, модерен државник“.

Косовскиот претседател е оптимист дека неговата држава ќе биде дел од Европската унија и НАТО, а по постигнувањето законски обврзувачки договор со Србија, ќе стане и членка на Обединетите нации.