Тачи: Обединувањето на Митровица е незапирлив процес

132

Претседателот на Косово, Хашим Тачи изјави дека процесот за обединување на Косовска Митровица е незапирлив.

Тачи, кој се наоѓа во Давос на Светскиот економски форум, на Фејсбук напиша дека имал средба со градоначалникот на Јужна Митровица, Агим Бахтири и притоа констатирале дека граѓаните „го кажале своето“ за тоа прашање.

– Сега е ред на институциите, Владата, Собранието и претседателот, напиша Тачи.

Инаку, Тачи, вчера на прес-конференција, зборувајќи за територијалното разграничување со Србија, рече дека Косовска Митровица, Трепча и Газивода ќе останат дел од Косово и по евентуалното потпишување на договорот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.

Иницијативата за „обединета Митровица“ ја покрена Бахтири кон крајот на минатата година. Јужниот дел на Митровица е населен претежно со Албанци, додека северниот претежно со Срби.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ја отфрли таа иницијатива, по што Бахтири до претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели му достави петиција со потписи од граѓаните за поддршка на ваквиот предлог.

Весели тогаш му вети дека петицијата ќе биде ставена на дневен ред на Парламентот.

На денешната изјава на Тачи реагираше директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, оценувајќи ја како „закана за Србите во Косово“.

Ѓуриќ им порача на властите во Приштина „да не се закануваат со анексија на Северна Митровица и да не ги загрозуваат мирот, стабилноста и безбедноста на Косово и целиот регион“, а меѓународната заедница „да престане да замижува над напорите на Приштина да ги згази српските интереси во Косово“.

– Јужна и Северна Митровица се два одвоени града дури и според планот на Ахтисари. Тачи треба да одговори на прашањето зошто се уште не е формирана Заедницата на српските општини, чиј составен дел треба да биде Северна Митровица или можеби Бриселскиот договор беше потпишан од некој друг Тачи, изјави Ѓуриќ за Танјуг.

Тој додаде дека на тие прашања Тачи треба да и одговори и на домашната и на меѓународната јавност, а јавноста ќе процени кој ја зборува вистината.