Тачи: Недозволиво е Србите да не можат слободно да се движат во цело Косово

113

Косовскиот претседател Хашим Тачи одговори на отвореното писмо на српската хуманистка Наташа Кандиќ, која побара на Србите во Ѓаковица да им се овозможи утре да го посетат тамошниот манастир, уверувајќи ја дека ќе стори се за да им се овозможи слободно движење на сите косовски граѓани, вклучително и припадниците на српската заедница, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во одговорот, кој го објави на Фејсбук, Тачи нагласува дека „денес е непојмливо и неприфатливо некој да ги крши основните права и да не им дозволува на српските граѓани да ги посетуваат верските објекти, било во Ѓаковица, или каде и да е друго во Косово“.

– Почитуваната госпоѓа, познатата српска хуманистка Наташа Кандиќ, ја уверувам дека како претседател на Косово, како и во другите институционални капацитети со кои сум раководел претходно, ќе се заложам за слобода на движење за сите граѓани на Косово, вклучително и на српската заедница, насекаде во земјата. И во најтешките денови, нашите граѓани ги чуваа верските објекти, историските споменици и православното наследство, напиша Тачи.

Тој во писмото изразува „длабока почит за делото на Кандиќ и благодарност за нејзиното дејствување пред, за време и по војната“ во Косово.

– Косово е држава на сите граѓани, без оглед на нивната верска, културна или етничка припадност. Ние сме најдемократската држава во регионот и пошироко, во која етничките заедници се заштитени со Устав. Евроатлантската иднина на Косово е сигурна само со градењето демократска држава и со зачувувањето на мултиетничкиот карактер на нашето општество, напиша Тачи.

Основачката на Фондот за хуманитарно право од Белград, Наташа Кандиќ го повика косовскиот претседател лично да се заложи за да им се овозможи на Србите од Ѓаковица годинава да ја посетат православната црква во тој град, во што лани години беа спречени од локалните Албанци.

– Во оваа прилика ве молиме лично да се заложите за Србите од Ѓаковица на 28 август 2018 да имаат можност да ја посетат црквата и нивните домови и да не бидат изложени на понижувања како минатата година, се вели во отвореното писмо на Кандиќ објавено во српските медиуми.