Тачи на соочување со Меркел

557

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, вчера се сретнa со германската канцеларка Ангела Меркел, со која разговараше за продолжување на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Косовските медиуми јавуваат дека состанокот доаѓа во момент кога Германија очекува Белград и Приштина да потпишат правнообврзувачки договор за нормализација на односите.

Договорот би требало да биде потпишан на крајот од дијалогот за кој косовската влада го овласти Тачи, што за опозицијата и за некои партии од владејачката коалиција е неприфатливо. Според весникот „Коха“, тие сметаат дека Тачи „не е соодветен за оваа улога“.

Пратеникот на движењето Самоопределување, Реџеп Сељими за Радио Слободна Европа изјави дека за неговата партија е неприфатлива лидерската улога на Тачи во дијалогот. Тој изјави дека Тачи и досега водел дијалог со Белград, од кој произлегле договори што се штетни за Приштина.

Хашим Тачи е повеќе од 20 години најважен политичар во Косово затоа што како премиер на 17 февруари 2008 година ја прогласи независноста на Косово.
Но ветувањето на Тачи дека Косово „многу брзо“ ќе го признаат сите светски држави и дека ќе стане членка на ОН, сѐ уште не е остварено, иако во меѓувреме Косово го признаа 115 држави, објави „Дојче веле“.

Во меѓувреме, расте и незадоволството на граѓаните во земјата од неговото владеење. Тачи не успеа да собере доволно гласови за членство во ОН, Унеско и Интерпол. Косово е најсиромашната земја во Европа, со стапка на невработеност поголема од 30 проценти. Во актуелната влада, најмалку пет министри се осомничени за корупција, а земјата тоне во организиран криминал. Критичарите на Тачи тврдат дека тој е „кум“ на илегалните махинации на Косово.

До „судирот“ меѓу Тачи и германската политика дојде во 2005 година кога германската тајна служба БНД објави извештај во кој косовскиот претседател се означува како „една од клучните фигури“ што ги поврзува организираниот криминал и политиката на Косово. Извештајот наведува дека Тачи има „директни контакти со организираниот криминал во Чешка и во Албанија“ и дека бил „вмешан во сеопфатни зделки со дрога и со оружје“.

Уште потешки обвинувања пристигнаа во 2010 година. По двегодишна истрага на Советот на Европа, која ја предводеше Швајцарецот Дик Марти, Тачи и други членови на ОВК се обвинети за вмешаност во трговија со органи и други воени злосторства. Тие обвинувања требаше да ги истражи и Специјалниот суд во Хаг. Но досега нема обвинение, објави „Дојче веле“.