Тачи изврши смотра на Безбедносните сили

228

Косовскиот претседател Хашим Тачи изврши попладнево смотра на Безбедносните сили на Косово (ФСК), на еден ден пред утрешното гласање во Собранието за нивна трансформација во вооружени сили, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовскиот претседател и врховен командант на ФСК во своето обраќање во касарната „Адем Јашари“, изјави дека трансформацијата на сегашните Безбедносни сили во војска на Косово не претставува опасност за никого.

На припадниците на српската заедница во Косово, Тачи им порача дека „војската на Косово ќе биде бранител и заштитник на сите граѓани“.

За утре во 10 часот во Собранието на Косово е закажана седница на која ќе се гласа за законите, со кои ФСК практично се трансформира во војска на Косово.

Косовските Срби, како и официјален Белград остро се спротивставуваат на трансформацијата, предупредувајќи дека со ова Косово ја загрозува безбедноста на регионот.

Отворена поддршка на формирањето војска на Косово изразија официјален Вашингтон и Лондон, преку нивните амбасадори во Припштина, Филип Коснет и Руаири О’Конел, како и командантот на НАТО, Џејмс Фого, кој вчера во Скопје изјави дека тоа е суверено право на Косово. Против се изјаснија неколку членки и генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, кој рече дека одлуката на Приштина е избрзана.