Тадиќ и Вучиќ со различни толкувања за независноста на Косово

349

Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, наместо да води сметка за интересите на Србија, јавно и недвосмислено се придружи на ставовите што одат во прилог на лидерите на независно Косово, обвини поранешниот српски претседател Борис Тадиќ.
Тој во соопштението до јавноста наведе дека Вучиќ отворено им се придружил на претседателот и на премиерот на Косово, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, во врска со толкувањето на необврзувачките советодавни мислења на Меѓународниот суд на правдата.

– Разбирливо е што Харадинај и Тачи тоа мислење го претставуваат како голема победа, но скандалозно е тоа што претседателот на Србија исклучиво за напади на своите политички противници ја поддржува тезата на косовските политичари, наместо остро да се бори против неа – вели Тадиќ.

Тадиќ потсетува дека во неговиот претседателски мандат се бореле против толкувањето дека резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244 не подразбира експлицитно признавање на независноста на Косово.

– Лидерите на големите сили и од мене бараа независноста на Косово да се прикаже како завршен чин. Никогаш не го направив тоа. Не само затоа што тоа е нечесно и недржавничко однесување туку затоа што мојата цел беше да се борам за интересите на Србија, а не за меѓународен аплауз или останување на власт по секоја цена. Затоа го одбив и предлогот на Ангела Меркел за укинување на институциите на Србија на северот на Косово, што беше прифатено од Вучиќ – напоменува Тадиќ.
Претседателот Александар Вучиќ, во изјава пред новинарите, рече дека претставниците на приштинските привремени институции на секоја средба со уживање споменуваат дека Србија побарала мислење од Меѓународниот суд за правда во случајот со косовската независност, што ја „закова“ српската позиција во настојувањето да се постигне договор со Приштина.

– Ние како некои идиоти се обврзуваме секоја одлука на МСП, каква и да биде, да ја прифатиме. Кажете ми една територија или една земја што го направила тоа. Секој мора да разбере дека судиите доаѓаат од земјите што повеќето ја признаа независноста – нагласи Вучиќ.

Српскиот претседател ги обвини оние што соучествуваа во создавање лажна држава Косово дека сега го критикуваат секое решение, а забораваат дека овој проблем постои и пред тој да дојде на власт.