Сфатив дека социјалнава мрежа знае и како дишам

308

Дамјан Ракниќ

Уште на првата вест за протекување податоци, социјалната мрежа Фејсбук реагираше експресно, велејќи дека во нивната база на податоци никој не извршил упад, туку дека податоците што дошле до „Кембриџ аналитика“ биле легално преземени, но илегално дистрибуирани. Исто така – впрочем и најважното во целата ситуација – се работеше за податоци што корисниците сами му ги предале на Фејсбук. Побарав Фејсбук да ми прати сѐ што знае за мене, ме преплави со податоци во големина од 4,4 гигабајти

Мојот фејсбук-профил го отворив на 9 октомври 2007 година, како студент на Академијата за драмски уметности. Понекогаш ми се чини како тоа да беше вчера. Една колешка накратко ми објасни за што се работи, ми покажа како изгледа страницата и што сѐ може да се прави на неа, заклучувајќи дека мора да се приклучам. Со оглед на фактот дека не бев член на Мај спејс, социјалната мрежа што беше популарна додека бев средношколец, Фејсбук стана мојата прва социјална мрежа. Од тој ден поминаа повеќе од десет години. Никогаш не го деактивирав профилот, никогаш сериозно не сум размислувал за негово бришење и за разлика од многу други, не ја критикував на почеток како промашена секоја одлука на дизајнерот. Во текот на годините слушав за тоа како Фејсбук знае многу за своите корисници, дека собира бесконечни количества податоци и дека на оваа платформа не може да направите нешто, без тоа да биде забележано и подоцна претворено во алатка за создавање најпрецизни огласи. Тоа не ми пречеше премногу, зашто секогаш ги блокирав сите огласи, а кога Фејсбук реши да ја тргне таа опција, едноставно научив да ги игнорирам. Со избивањето на скандалот околу активностите на компанијата „Кембриџ аналитика“, ниту една приказна за Фејсбук не можеше да мине без расправа за сигурноста на податоците. Уште на првата вест за протекување податоци, социјалната мрежа Фејсбук реагираше експресно, велејќи дека во нивната база на податоци никој не извршил упад, туку дека податоците што дошле до „Кембриџ аналитика“ биле легално преземени, но илегално дистрибуирани. Исто така – впрочем и најважното во целата ситуација – се работеше за податоци што корисниците сами му ги предале на Фејсбук.

Профилите и податоците, кои фактички беа украдени, им припаѓаа на граѓани на САД што имаат избирачко право на глас. Се разбира, јас не сум дел од нив, меѓутоа, тоа ме натера да проверам што би можело да се дознае за мене врз база на моите податоци на Фејсбук, со еден збор – што сѐ знае за мене Фејсбук. Му испратив прашање и во рок од приближно 20 минути ми беа доставени 4,4 гигабајти пораки, фотографии, видеа и сѐ и сешто. Вкупно 8.756 датотеки. А кога велам „сѐ и сешто“, мислам буквално на сѐ и сешто. Податоците што за вас ги собира Фејсбук се поделени во 12 рубрики – профил, контактни информации, фотографии, видеа, пријатели, пораки, „боцкања“, настани, сигурност, огласи и апликации. Рубриката „профил“ е полна со сите информации што сте му ги дале на Фејсбук во текот на годините. Тука се вашата електронска пошта, адреса, членови на семејството, образование и слично. Како на филмофил, мило ми е што чуваат попис на сите филмови што сум ги изгледал. Меѓутоа, интересно е што Фејсбук ќе ви каже и ако сте го менувале вашето име, „постилајќи“ ги пред вашите очи сите ваши алтернативни идентитети. Во рубриката „контактни информации“ се наоѓаат сите ваши контакти, независно од тоа дали се работи за оние на кои сте им испраќале мејл, СМС или, пак, оние што сте ги барале телефонски.

Ако Фејсбук во текот на минатата година не ја воведеше опцијата „На овој ден“, најверојатно оваа архива би била најинтересната за повеќето од нас, но сега е само згодно местенце, во кое се наоѓаат сите ваши објави, како и објавите што вашите пријатели ги објавиле на вашиот ѕид. Добрата вест е дека сите објави што сте ги избришале навистина се избришани, така што нема да морате да се соочувате со пораките од бившите љубовни партнери. Во „фотографии“ ќе ги пронајдете сите објавени фотографии, во „видео“ ќе ги има сите видеа, а во рубриката „пријатели“ ќе откриете од кога некој ви е пријател.

Во „пораки“ се наоѓаат сите пораки што некогаш сте ги пратиле. Буквално сите. Некои корисници со кои сте комуницирале ќе бидат скриени зад името „фејсбук-корисник“. Тука ќе се најдат и пораки што сте ги бришеле во текот на годините, па затоа бидете внимателни. Во пописот на настани ќе се најдат сите концерти, предавања, изложби и сите случки на кои сте биле присутни. Се разбира, се работи само за настаните за кои сте го известиле Фејсбук. Одделот „сигурност“ во себе ги крие сите ајпи-адреси од кои сте се приклучиле на Фејсбук, сите „колачиња“ што сте ги презеле, сите промени на шифри и безбедносни прашања, како и сите активни пријавувања. Што се однесува до огласите, во таа секција е забележан секој оглас што сте го кликнале и сите теми врз база на кои ви се праќаат огласите. Во мојот случај овој попис е навистина голем, ама нејасно ми е како Фејсбук ги одредува приоритетите кај огласувањето. Според оваа социјална мрежа, мене ме интересираат приближно 450 теми, од Бетмен до музичарката Карли Ре Џепсен. И на крајот, тука се и апликациите. На пописот ќе ги најдете сите апликации што моментално ви се инсталирани. Сепак, ако ги проверите своите безбедносни опции за местење, можете да им забраните пристап до своите податоци на сите овие апликации. Ете, тоа е тоа. Не е гламурозно, но дефинитивно е богато.

Како дополнителен материјал ќе добиете фотографии, видеа и други документи што сте ги разменувале со другите корисници преку Месинџер и традиционалниот „инбокс“. Количеството е секако импресивно, а за него е виновна сеприсутноста на Фејсбук. Дали на оваа социјална мрежа ѝ се потребни сиве овие податоци? Тие ќе ви одговорат дека вашето искуство на нивната платформа ќе биде подобро ако тие добро ве познаваат. Истовремено, тоа ве прави ранливи. Останува обврската за Марк Закерберг да ја пронајде рамнотежата помеѓу овие два аспекта на Фејсбук.

Објавено во „Јутарњи лајф“