Стејт департмент: Србија напредува во борбата против тероризмот, во Косово растечки закани

49

Владата во Белград презела чекори да ги подобри капацитетите за борба против тероризмот, се оценува во најновиот извештај на Стејт департментот за тероризам за 2017 година, кој беше претставен во Вашингтон. 

Во делот на извештајот кој се однесува на Србија се наведува дека во земјата во 2017 година немало терористички напади, а нивото на активности за собирање на борци за Исламска држава било ниско.

Во извештајот се оценува дека најголеми закани од тероризам во Србија продолжуваат да бидат потенцијалното движење на пари и оружје низ територијата на Србија, враќањето на странски терористички борци и радикализацијата.  Во извештајот понатаму се наведува дека владата во Белград презела активности за подобрување на своите способности во борбата против тероризмот со усвојување на Национална стратегија за превенција и одговор на тероризмот од 2017 до 2021 година, но и со продолжување на соработката со меѓународните партнери со посебен фокус на спроведување на законот и напори во кибер криминалот.

Се наведува дека како член на глобалната коалиција против Исламската Држава, Србија во мај ветила донација во медицинска опрема, но недостигот на искуство како донатор и внатрешни пречки ја одложиле испораката на оваа помош и најверојатно ќе ги намали финансиските и материјалните донации за коалицијата.  Извештајот потсетува дека Србија и натаму ја користи обуката на американската влада во градењето на своите капацитети во борбата против тероризмот.  Кога станува збор за правдата, усогласеноста на законите и граничната безбедност, во извештајот укажува дека Србија треба да го подобри капацитетот за спроведување на законите, но, напредокот на земјата во оваа област е постојан.

Извештајот на Стејт департментот, исто така, обезбедува податоци за Косово, Македонија и Босна и Херцеговина. За Косово, кое е исто така член на Глобалната коалиција за борба против ИД, се вели дека во 2017 година продолжило да се бори против растечките закани од тероризам, и се напоменува дека 403 Косовци отпатувале во Сирија и Ирак за да се борат во редовите на Исламската Држава или Фронт Ал-Нусра, а 74 од нив загинале во борба. Според податоците на Стејт департментот, 133 од нив се вратиле во Косово, а 196 останале во конфликтните зони.

Во извештајот за Босна и Херцеговина се истакнува дека земјата продолжува да ги зголемува своите капацитети во борбата против тероризмот во 2017 година, но недостатоците во законите и лесните казни остануваат најголеми предизвици.

Поефикасна внатрешна соработка во Босна и Херцеговина е поткопана од меѓуагенциските и личните конфликти, а екстремистичката идеологија и регионалните национални екстремистички групи и понатаму претставуваат потенцијален извор на тероризам. Што се однесува до дерадикализација, не е постигнат голем напредок, се вели во извештајот.