Старите рецепти повторно на преговарачка маса

244

На преговорите меѓу Србија и Косово во САД може да се забележи како секоја од страните се обидува да издејствува некаква корист, на штета на националните интереси на одредена земја. Рецептот што сега се нуди од запад, веќе беше применет и во другите случаи за решавање на отворените спорови меѓу балканските земји

„Има напредок во разговорите, но има уште доста работа“, ова е резимето на одговорот на специјалниот претставник на САД Ричард Гренел, за текот на состанокот во Вашингтон меѓу претставниците на Србија и на Косово, што го даде во интервјуто за „Њузмагазин“. Последните новинарски извештаи, до вчера напладне, беа дека српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Авдулах Хоти ќе потпишат спогодба за економска соработка, и тоа во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Додека во Белата куќа се водеа сериозни преговори за содржината на новиот план за економска соработка меѓу Србија и Косово, како нов начин за премостување и на политичките разлики за надминување на косовскиот спор, агенциите објавија многу реакции во врска со очекувањата од вашингтонската средба.

Општиот впечаток е дека повторно кога големите сили се вклучуваат на преговарачките маси, ова особено важи за прашања што ги регулираат односите меѓу земјите од Балканот, се нудат предлози што се наметнати и кои се спротивни на националните интереси на послабите држави. Според реакциите изнесени во јавноста, може да се забележи како секоја од страните се обидува да издејствува некаква корист, на штета на националните интереси на одредена земја. Рецептот што сега се нуди од запад, веќе беше применет и во другите случаи за решавање на отворените спорови меѓу балканските земји.
– Белград и Приштина би можеле да потпишат нешто под притисок на Трамп и Гренел. Но тој лист хартија би бил фатаморгана и би служел само за Трамп во претседателската кампања во САД – напиша Томас Брај, долгогодишен дописник на агенцијата ДПА од Белград.

САД врши силен притисок, а со него ќе се соочат лидерите од Србија и од Косово на состанокот во Вашингтон, кој во медиумите беше најавуван како пресвртница во гаснењето на хроничното кризно жариште во регионот. Американската сметка е јасна – по последователните порази на претседателот Доналд Трамп, тој сака пред претседателските избори во ноември да блесне на полето на надворешната политика и да покаже историски резултат, пренесува „Дојче веле“.
Александар Вучиќ како главен преговарач сака да разговара само за прашања поврзани со економската соработка со несаканиот сосед Косово. Шефот на косовската делегација и премиер Авдула Хоти очекува меѓусебно признавање на двете страни. Минатата недела српскиот претседател однапред се закани: во случај да се бара признавање на Косово, тој ќе ја одбие средбата со американскиот претседател.

 

САД сакаат со своите големи инструменти на моќ да им покажат на претходно неуспешните Европејци како функционира целно управуваниот кризен менаџмент на Балканот. Претседателот Трамп го именува Ричард Гренел за личен ополномоштеник за Балканот. Бргу, на големо изненадување на сите за само неколку недели постигна конкретни успеси: во јануари Белград и Приштина под притисок на САД потпишаа договор за повторно воспоставување на авионскиот сообраќај меѓу двата главни града, еден месец подоцна договорија изградба на заеднички автопат и возобновување на железничкиот сообраќај. Досега не е познат ниту еден детаљ од планот за нивно спроведување. По ова искуство реално е да се стравува дека и во новата преговарачка рунда во Вашингтон ќе се постигне договор, кој ќе биде сведен повеќе на зборови отколку на дела. Со оглед на тоа дека ниту во Србија ниту во Косово на повидок нема мнозинска поддршка за каков било договор меѓу двете земји, се констатира во анализата објавена на „Дојче веле“.
Во текстот на „Јуропиен Вестерн Балканс“ се забележува дека постои ризик дијалогот да стане копија на бесконечните мировни разговори на Кипар со малку конкретни резултати. Неколку години дијалогот заглави поради идејата за територијална размена меѓу Србија и Косово. Но тешките односи меѓу ЕУ и САД не се најголемата пречка за дијалог. Ниту српската ниту косовската влада немаат легитимитет да склучат договор за нормализирање на односите. Во случајот на Косово, Владата има најтесно мнозинство и слаба поддршка. Иднината на косовскиот претседател Хашим Тачи е неизвесна, поради неговото веројатно обвинение за воени злосторства во Специјалните комори на Косово. Накратко, ниту Владата ниту претседателот не се во позиција да склучат траен договор.
Во Србија, се чини дека ситуацијата е поинаква. Претседателот Вучиќ на изборите во јуни 2020 година освои големо мнозинство.

Но дефицитот на легитимитет во Србија не произлегува едноставно од непопуларната владејачка партија, туку од режимот што станува сѐ повеќе авторитарен, оставајќи им малку простор на критичарите и опозицијата во Србија. Едноставно во земјата нема доволно граѓански простор за инклузивен разговор за кое било прашање, а не пак да се гради широка демократска поддршка за договор со Косово, пишува „Јуропиен“.
Во контекст на вашингтонската средба, „Балкан инсајт“ потсетува на минатогодишната средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и пензионираниот генерал-потполковник Бен Хоџис, поранешен командант на американската армија во Европа, на која всушност ѝ било запалено светлото за иницирање на планот за поблиска економска соработка меѓу Србија и Косово, преку кој би можело да се стигне и до конечен политички договор. Една од работите што Вучиќ му ги предочил на првата средба на американскиот генерал било заминувањето на многу Срби од регионот, како и желбата да се справи со демографскиот проблем во земјата, преку нови економски и инвестициски можности за младите лица. Во текстот на „Балкан инсајт“ се пренесува и ставот на Хоџис дека Русија и Српската православна црква се едни од клучните пречки за нормализација на односите со Косово.