Српско добредојде за Путин со (контра)митинг!

288

Српската напредна партија подготвува митинг што ќе се одржи во Белград на 17 јануари, на денот од посетата на рускиот претседател Владимир Путин. Главната цел за организирање на митингот не е искажување гостопримството на првиот човек на Русија, туку тоа е израз на желбата на претседателот на Србија и лидер на СНП, Александар Вучиќ, за да ѝ зададе контраудар на опозицијата. Од партискиот опозициски блок најавија протест на 16 јануари, кога се навршува годишнина од убиството на еден од лидерите на Србите на Косово, Оливер Ивановиќ, но тоа ќе биде и продолжување на протестите што секоја сабота се одржуваат во Белград и неколку други градови во земјата, пишува „Данас“.

– Александар Вучиќ сака да ја покаже силата на напредњаците, како што тоа го правеше покојниот претседател на Србија Слободан Милошевиќ, кој организираше контрамитинг во Белград, во декември 1996 година, во текот на студентските демонстрации – велат политичките аналитичари за „Данас“.

Партиски извори на СНП информираат дека Путин и Вучиќ планираат да го посетат заедно сремското село Банстол, каде што локалното население гради црква, која кај народот е позната како Црквата на Путин.

Претседателот Владимир Путин на 17 јануари доаѓа во посета на Србија, а пред светиот храм „Свети Сава“ во Белград ќе го пречекаат повеќе од 70.000 луѓе.
Планирано е да се соберат на плоштадот, заедно да тргнат кон храмот и да стигнат во истиот момент кога во храмот ќе пристигне и рускиот лидер.

– Замислата е на овој начин да се искаже почит спрема првиот човек на Русија и за пријателската врска на овие две земји – пишуваат српските медиуми.