Српски бизнисмен се обидува да го заживее селото

507

Српскиот бизнисмен Мирослав Мишковиќ преку својата компанија „Делта холдинг“ започна со спроведување на акцијата „Наше село“ со која планира да ги заживее селата во својата земја, особено оние во пасивните и сиромашните региони. Акцијата симболично започна со отворањето на реновираната училишна зграда во селото Мала Јасикова, близу Заечар, каде што 11 деца ќе ја започнат новата училишна година во комплетно обновени простории. Училиштето кое било изградено во 1939 година досега не било реновирано, па компанијата која започна опсежна програма за зачувување на српските села и за модернизација на земјоделското производство, се реши токму од тука да започне со активности.

За таа цел, покрај други високи гости и соработници на проектот, на чинот на отворањето беше поканета и поголема група новинари од повеќе балкански земји, кои изминативе три дена имаа можност одблизу и во детали да се запознаат со активностите на „Делта холдинг“, а посебно на проектот „Наше село“.

Проектот е покренат кон крајот на минатата година во селата Мала Јасикова и Дубочане во општината Заечар, на истокот на Србија. Акцијата не е временски ограничена а се спроведува во три фази. Првата е пренесување на знаење за модерното семјоделство и едукација на селаните како да постигнат максинални приноси и профит. Втората фаза се конкретни унапредувања на имотите на мештаните што подразбира инвестиција и промена на начинот на работа, а третата е насочена кон унапредување на општествениот живот преку организирање културни, спортски, забавни содржини за децата и за возрасните.