„Српска листа“ се враќа во владата на Харадинај

239

По повеќе од еден месец, во Владата на премиерот Рамуш Харадинај се очекува да се вратат министрите од редовите на „Српска листа“, потврдиле партиски извори за приштинскиот весник „Зери“, кои додале дека конечната одлука партијата ќе ја донесе деновиве.

– Иако не присуствуваа на седници на Владата, министрите од „Српска листа“ ниту еден ден не отсуствувале од работното место, дури донесувале и значајни одлуки во ресорите кои ги раководат – наведува „Зери“.

Од Кабинетот на премиерот Харадинај изјавиле дека очекуваат „Српска листа“ да ја разгледа уште еднаш одлуката и да се врати во извршната власт. Во исто време, пратениците на оваа политичка партија присуствуваат на седниците на Парламентот.

Сепак, и пратениците и министрите минатата недела присуствуваа на одбележувањето на 18. годишнината од формирањето на Алијансата за индината на Косово на Харадинај, што се смета за чекор напред кон промена на ставот на „Српска листа“.

„Српска листа“ донесе одлука за напуштање на владата на 27 март, ден по упадот на припадници на косовската полиција на средбата на локалните Срби во Косовска Митровица, при што беше приведен Марко Ѓуриќ и беа повредени вкупно 32 лица, од кои пет потешко. Меѓу повредените беше и косовскиот министер за земјоделство Ненад Рикало.