Србија ќе го добие рускиот „панцир“ наспроти американските предупредувања

1286

Русија ќе го испорача софистицираниот антиракетен систем „панцир-С“ на Србија, и покрај предупредувањата на САД за можни санкции за балканската држава во таков случај, пренесува „АП“.

Руската агенција „ТАС“ објави дека вооружувањето ќе биде испорачано во Србија „во наредните неколку месеци, во согласност со потпишаниот договор“.

Специјалниот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, минатата недела ја предупреди Србија дека купувањето на руското оружје претставува ризик за можни санкции од САД.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, истакна дека Србија купува одбранбено оружје од Русија и оти сака да ги избегне американските санкции и конфронтацијата со САД. 

– Србија се вооружува бидејќи е слободна земја опкружена со држави-членки на НАТО, со кои сакаме да бидеме пријатели – порача Вучиќ, додавајќи дека нема да дозволи „Србија да биде слаба како што беше во 90-те години.

Панцир претставува антиракетен систем со краток до среден домет, монтиран на камион, кој исто така е користен и во Сирија. Тој може да биде употребен против дронови и крстосувачки ракети.