Србија поделена меѓу брзи избори и бојкот од опозицијата

76

Мнозинството членови во Српската напредна партија сѐ повеќе размислуваат за предвремени парламентарни избори во Србија, додека партиите од опозицискиот блок се сѐ погласни дека тие ќе ги бојкотираат евентуалните брзи избори.
Членката на претседателството на СНС и претседателка на српското собрание Маја Гојковиќ, вели дека при одлучувањето за нови извори ќе се земе предвид користа за Србија, а не користа за една политичка партија.

– Нашата партија има голема доверба кај граѓаните во Србија и врз основа на тоа ја водиме и државата. Но не може да се согласиме со обвинувањата на опозицијата дека сме ја одзеле власта од народот – изјави Гојковиќ, за телевизијата Пинк.

Потпретседателката на Народната партија, Санда Рашковиќ Ивиќ, вели дека Сојузот за Србија ќе ги бојкотира вонредните избори доколку бидат распишани за крајот на март или средината на април.

– Ова ќе биде направено поради отсуство на слободата на медиумите во Србија, уништените институции и практиката на партиите од власта да ги користат државните ресурси во изборниот процес. Претседателот Александар Вучиќ посегнува по избори кога не знае што да прави. Тоа е купување време, затоа што владејачката коалиција има големо мнозинство и може да гласа што сака – изјави таа во емисијата „Прашалник“ на РТС.

Претседателот на Социјалдемократската партија, Борис Тадиќ, оцени дека нема услови за вонредни парламентарни избори и тој би предложил бојкотирање на евентуалните избори и на јавниот телевизиски сервис, затоа што учеството во симулирање демократија е учество во уништување на демократијата.

Истражувања на јавното мислење во Србија, спроведени од агенции блиски на власта, покажуваат значителен пораст на популарноста на Александар Вучиќ и неговата партија СНС, која може да добие над 50 отсто од вкупните гласови. Здружената опозиција има скромна поддршка од десет отсто кај граѓаните.