Србија не е пречка за европската интеграција на Косово

992

Два дена пред одржувањето на Самитот на Европската унија со земјите од Западен Балкан во Софија, денеска во косовското Собрание се одржа трибина на тема „Албанците и европските интеграции“, во организација на Движењето Самоопределување.

Лидерот на оваа опозициска партија, Албин Курти, отворајќи ја трибината, рече дека Србија не е таа која ја попречува интеграцијата на Косово во Европската унија, туку тоа се петте држави кои ја немаат признато косовската независност, додека зачленувањето на Србија во ЕУ зависи токму од Косово.

Според Курти, ЕУ очекува многу од Албанците, но и Албанците очекуваат многу од ЕУ. Тој смета и дека, за интеграцијата во Европа, Косово треба многу повеќе да работи со Грција и да не обрнува внимание на Шпанија, која е моментно најголемиот противник на косовската независност.

– Можеме да речеме дека пречка за интеграцијата на Косово во ЕУ не е Србија, туку петте држави кои не го признаваат и при тоа не можеме да ги сведеме сите во иста категорија. Додека од една страна веруваме дека треба многу повеќе да работиме со Грција во овој геополитички момент, веројатно не би требало да губиме многу време со Шпанија заради околностите кои моментно постојат во таа земја. А од друга страна, додека можеме да кажеме дека не Србија, туку петте земји кои не не признале го попречуваат зачленувањето во ЕУ, членството на Србија зависи многу од Косово и јас сметам дека тоа претставува мошне значаен елемент на динамичната геополитика во секогаш разбранетиот регион на Западен Балкан – рече Курти.

Според лидерот на Самоопределување, во ЕУ по лесно се интегрираат државите кои очекуваат многу, но не и се од Унијата, бидејќи „тие земји не ја заобиколуваат националната политика во замена за интеграцијата“.