Србите во исчекување за министерскиот мандат

37

Победниците на предвремените избори на Косово, Самоопределување и Демократски сојуз, деновиве треба да излезат со конечен список за поделба на министерските места, но останува отворено прашањето кој ресор ќе им биде понуден на Србите и дали тој предлог ќе биде прифатлив за Српската листа. Лидерот на Самоопределување Албин Курти, кој е идниот мандатар, обезбедил мнозинство од несрпските малцински заедници, што значи дека идната влада на Косово ќе има повеќе од 61 пратеник, што е доволно за изборот на новата косовска влада со просто мнозинство.

Идниот владин кабинет ќе има 12 министерства и засега е нејасно дали двете главни коалициски партии ќе поделат по пет министерства, а едно ќе добие српското малцинство и едно министерство ќе биде за другите малцинства.

Генералниот секретар на Министерството за надворешни работи Вељко Одановиќ, во изјава за РТС, рече дека во Приштина моментално владее вакуум-состојба. Тој предупреди дека идниот мандатар Курти ги игнорира интересите на Српска листа.
– Тој ќе мора едниот мандат за министер да ѝ го понуди на Српска листа, која е апсолутен победник на изборите во српската заедница. Како ќе функционира во иднина засега е неизвесно затоа што неговите изјави се антисрпски. Нѐ очекува жешка зима – нагласува Одановиќ.