Со европски пари ќе се поврзуваат балканскиот Исток и Запад

256

Како еден од приоритетите што се наведуваат во нацрт-планот за инвестиции на Европската комисија во Западен Балкан е и завршување на „автопатот на мирот“ меѓу Ниш и Приштина, но и модернизација на југоисточниот крак на железничкиот Коридор 10

Четиригодишна агенда на ЕУ за регионот

Додека Стариот Континент се мачи со ковид-кризата, а повеќето земји од Западот преземаат итни финансиски мерки за заживување на своите економии како последица од пандемијата, нацрт-планот за инвестиции на Европската комисија (ЕК), објавен неодамна, за Западен Балкан посочува дека Унијата, сепак, има намера да инвестира во регионот. Имено, во посебен документ објавен неодамна на кој се повикува РСЕ, ЕК ги претстави проектите во кои таа планира да инвестира до крајот на мандатот, односно до 2024 година во земјите од Западен Балкан. За овие проекти, како што наведува РСЕ, се издвоени околу девет милијарди евра, а инвестициите на ЕУ во регионот главно ќе се насочат кон обнова на патиштата, енергија, заштита на животната средина, но и инвестиции во малите и средните претпријатија, како и во дигитализација на регионот.

Регионот може да се надева и на уште 20 милијарди евра инвестиции

Според она што е објавено во следните четири години, Унијата планира големи инвестиции, особено во сообраќајниците на трасата Исток – запад, автопати, железници и пловни патишта. Како еден од приоритетите што се наведува во документот е и завршување на „автопатот на мирот“ меѓу Ниш и Приштина. Понатаму модернизација на југоисточниот крак на железничкиот Коридор 10 од Унгарија, преку Западен Балкан, до Бугарија, Грција и пошироко. Планирано е и да се заврши обиколницата околу Ниш, да се модернизира трасата меѓу Србија и Хрватска, но и да се подобрат железничките врски со Македонија. Исто така, во документот се наведува дека и забрзувањето на работите на железничкиот Коридор 8 помеѓу Скопје и границата со Бугарија, за подобро поврзување на Скопје и Софија, е приоритет на ЕК во годините што следуваат. Понатаму еден од клучните проекти во овој инвестициски сектор, како што е посочено во нацрт-документот на ЕК, е и „Железничката маршрута 2“, која ги поврзува главните градови на Црна Гора и на Албанија, Подгорица и Тирана, и продолжува до пристаништето Драч во Албанија. Тука, според планираното, е и санацијата на 120 километри железница во Албанија кон границата со Црна Гора.
Според „Дојче веле“, Брисел во периодот што следува очекува од државите засилено да продолжат со политички и економски реформи, кои ќе ги приближат до стандардите на ЕУ за да ги добијат средствата.

– Овој план оди рака под рака со имплементацијата на реформите затоа што без реформи не е можно да се креира вистинско бизнис-опкружување за инвеститорите – изјави неодамна еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Тоа, според него, значи дека на земјите ќе им бидат потребни функционален систем на владеење на правото, независно судство и ефикасен даночен систем што ќе ги убеди компаниите да инвестираат во регионот.
Дополнително, земјите од регионот можат да се надеваат и на уште 20 милијарди евра инвестиции што ќе се генерираат преку фондови на ЕУ и приватни инвеститори. Сето тоа, според Вархеи, треба да донесе раст на регионалниот БДП за 3,5 проценти.

Обновлива енергија за Балканот

Во меѓувреме, со намера регионот да ги исполни своите обврски од Парискиот договор, Европската комисија планира финансира проекти што ќе овозможат премин од јаглен, кој е голем загадувач, кон многу поодржливи и зелени извори на енергија, модерни гасоводи и паметни мрежи за зголемена употреба на обновливи извори на енергија. Дополнително во нацрт-документот на ЕК се наведува дека Брисел планира и завршување на конструкцијата на широкопојасен интернет во шест земји од Западен Балкан и подобрување на дигиталната инфраструктура во регионот до 2024 година, со посебен фокус на поврзување на руралните области. Исто така, со намера да се зголеми потенцијалот на приватниот сектор, Европската Унија, според планот за инвестиции, би требало да го зголеми и износот на грантови за поддршка на приватниот сектор на Западен Балкан.