Соседски недоразбирања за нуклеарниот отпад

77

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

Словенија и Хрватска ги потврдија ревидираните програми за затворање на нуклеарната електроцентрала „Кршко“ и за складирање на нуклеарниот отпад, а ова било одлучено на меѓувладините комисии за управување со електроцентралата, која е во заедничка сопственост. Претходно ревидираните програми биле потврдени и од словенечкиот и од хрватскиот парламент, кои ја одразуваат одлуката за продолжување на работата на постројката за 20 години по првобитниот план за гаснење во 2023 година, како и одлуката секоја земја да изгради сопствено складиште за отпадот, пренесе СТА.
Прашањето за фрлањето и за управувањето со нуклеарниот отпад долго време ги нарушува односите меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина, која инсистира на меѓународен пристап во решавањето на овој меѓусоседски спор. Хрватските власти не отстапуваат од намерата за складирање на ниско и среднорадиоактивниот отпад на локацијата на поранешното воено складиште „Черкезовац“ во Општина Двор.

Експертите Лариса Велиќ и Енис Омеровиќ, во текст за „Ал џезира“, посочуваат дека 90 отсто од отпадот ќе заврши на границата со БиХ. Станува збор за контаминирани делови од опремата, алати или лабораториска опрема, заштитна облека, искористени филтри… Прашањето што тие го поставуваат е која е целта на складирањето, односно на привременото чување на отпадот и зошто не се пристапи кон трајно ослободување од отпадот.
Според меѓународниот договор – Конвенција за процена на влијанието на околината т.н. ЕСПОО конвенција, која е потпишана од Хрватска и од Босна и Херцеговина, секоја држава е должна да ги информира сите други држави на чии подрачја е можно штетно влијание на околината, како и за правото на тие држави да учествуваат во процената на влијанието на животната средина. Нема информации дали Хрватска ги информирала институциите на БиХ. Меѓутоа Фондот за разградување на нуклеарната електроцентрала „Кршко“ веќе врши процена за наведената локација, но како што нагласуваат од страната на БиХ, локацијата на Трговска Гора не претставува најдобра одлука, туку политички најповолна и економски најисплатлива.

Изградбата на депонијата се планира на локација 900 метри од граничната црта, односно од меѓународната гранична река Уна, кое ентитетот на Република Српска го прогласи за природен парк, па затоа е неопходно да се земат предвид и одредбите од Хелсиншката конвенција за заштита и користење на прекуграничните водотеци и меѓународните езера.