Солзавец, оклопни возила и судири на протестите во Белград

93

Полицијата во Белград утрово успеа да ги растера демонстрантите кои од синоќа протестираа по најавата на претседателот на Србија Александар Вучиќ за нов полициски час поради порастот на бројот на заразени од новиот коронавирус.

Полицијата користеше специјални сили за разбивање демонстрации, полицајци на коњи, во оклопни возила и голем број лица во цивил.

Пред Парламентот синоќа се собраа неколку илјади граѓани, кои скандираа „Србија стана“ и „Уапсете го Вучиќ“. Демонстрантите фрлаа запалени факели, а во еден момент успеааја го пробијат полицискиот кордон и да влезат во холот на Парламентот, но беа одбиени со солзавец. Зградата ја чуваа стотици полициски специјалци, кои се обидуваа да ги спречат демонстрантите да упаднат во Парламентот.

Во протестите се повредени 43 полицајци и 17 демонстранти, а приведени се 23 лица. Причинета е и материјална штета, при што има вандализирани дуќани и запалени автомобили.

Претседателот Вучиќ во обраќање синоќа рече дека состојбата со епидемијата е критична и најави заострување на мерките, меѓу кои и воведување на полициски час во земјата од петок до понеделник. Во Србија во изминатите 24 часа беа забележани 13 смртни случаи од ковид-19, најмногу од почетокот на епидемијата, а во изминатите денови бројот на новозаразени постојано расте.

За попладнево е закажан нов протест.

Од денеска стапува на сила забраната за собирање на повеќе од пет лица, во затворен простор и на отворено, стапува на сила денеска во Белград, а полицискиот час од петок до понеделник.