Солзавец и молотови коктели во Атина на протестот поради смртта на Џорџ Флојд

101

Грчката полиција употребила солзавец за да ги растера демонстрантите кои фрлале молотови коктели за време на протестот што се одржа синоќа во близина на американската амбасада во Атина поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во САД.

Пет лица биле уапсени, а 12 биле задржани во притвор, објави „Катимерини“. Според информациите на полицијата, учесниците на протестот ги нападнале полицајците во близина на амбасадата, фрлајќи молотови коктели, камења и други предмети кон нив, а запалиле и контејнери.

Маршот, организиран од левичарски групи, почнал на плоштадот Синтагма и завршил пред амбасадата на САД.

Демонстрантите носеле транспаренти на кои пишувало „не можам да дишам“ и извикувале пароли против полициското насилство и расизмот во САД.

Убиството на Флојд при апсење предизвика протести во САД, но и во некои земји во Европа.