Советот на Европа бара од Тирана реален попис на малцинствата

123

Советот на Европа побара од Албанија да го почитува начелото на слободно изразување на националните малцинства на пописот во 2020 година.

Советот на Европа апелира Албанија да почне со спроведување на донесените закони во тој правец и бара од властите да престанат да се повикуваат единствено на архивски податоци и на оние од матичната евиденција во врска со верификација на лицата како припадници на одредено национално малцинство.

Советот ја повикува Албанија, изјаснувањето за националната и верската припадност на пописот до година да биде задолжително.

Уште пред почетокот на последниот попис во Албанија, што беше спроведен од 1 до 31 октомври 2011, националните малцинства со заедничка декларација ги информираа албанските власти и меѓународниот фактор дека ќе ја бојкотираат статистичката операција, бидејќи Владата не прифати ниту едно нивно барање.

Малцинствата не беа вклучени во ниту една фаза на подготовката на пописот, нема свои претставници во комисиите од централно до регионално ниво, немаа свои попишувачи, формуларите за попишување не беа на јазикот на малцинствата, а не беше направено ништо за информирање на граѓаните и на претставниците на малцинствата во врска со пописот.

Исто така, во заедничка декларација, претставниците на малцинствата соопштија дека не ги признаваат резултатите од пописот на населението, поради тоа што пописниот процес бил преполн со манипулации, злоупотреби и ја немало потребната транспарентност, поради што за малцинствата тој е целосно неуспешен а резултатите неприфатливи.

Во последниот извештај, Советот на Европа забележува дека заедниците на Ромите и Египќаните во Албанија и натаму се соочуваат со најголема нееднаквост и дискриминација, особено на локално ниво.

Од властите во Тирана, Советот бара подобрување на условите за живот на националните малцинства, особено во однос на пристапот до вработување, образование и здравство и нивна целосна интеграција.