Случајот „Агрокор“ – најголемиот пораз за Хрватска, победа за Пленковиќ

253

Додека ХДЗ и привилегираните доставувачи слават поради постигнувањето на спогодбата за спас на „Агрокор“, даночните обврзници имаат причина за загриженост, пишува „Индекс“

Постигнувањето на спогодбата со најголемите доверители на „Агрокор“ претставува најголема победа за премиерот Андреј Пленковиќ, но тоа претставува и победа на политиката на владејачките партии во Хрватска од деведесеттите години до денес, пишува порталот „Индекс“ во својата анализа за најголемата компанија, која се најде во длабока финансиска криза што се закануваше да ја дестабилизира домашната економија.
За време на доминацијата на сопственикот на „Агрокор“, Ивица Тодоровиќ, сите политички влади (на ХДЗ и на СДП) отпишуваа милионски долгови за да може полесно да ги приватизира компаниите. Се пишуваа и посебни закони, затоа што интересот за „Агрокор“ беше и интерес за Хрватска, многу полициски истраги на ДОРХ и на даночните инспекции беа запирани, беа менувани разни уредби се разрешуваа и многу функционери на значајни државни институции. Боновите од „Конзум“ се разменуваа како националната валута – куна. За лошата состојба во оваа компанија не смееше јавно да се зборува, сѐ додека не стана предоцна, пишува во анализата на „Индекс“.

При пишувањето на Лекс Агрокор не беа извршени консултации со стручната јавност, а важни беа мислењата на привилегирана група луѓе, кои имаа директна материјална корист. Беа прескокнувани сите законски процедури за да може оваа мала група да остане во тајност. Упорно беа игнорирани налозите на судот за да не се откријат привилегираните доставувачи, главните медиуми во земјата молчеа за штетата направена во државниот буџет, која треба да падне на товар на хрватските даночни обврзници. За да бидат прифатени крајно сомнителните гаранции за кредитите за фирмите на оваа компанија и прифаќањето на конечната спогодба, интервенираа политиката и лично премиерот. Сето тоа околу „Агрокор“ остана исто: срамно и нетранспарентно, освен што го нема Тодориќ, забележува „Индекс“.
Подемот на Ивица Тодоровиќ почнува во деведесеттите години, во времето на Фрањо Туѓман, кога една по една презема повеќе фирми во Хрватска. Уште тогаш се испитуваше начинот на кој тргува со важните стратегиски стоки, пченицата, пченката и нафтата од државните резерви. Тодориќ имаше силна поддршка од Агенцијата за реструктурирање, што упатуваше на наклонетоста од државниот врв на чело со Фрањо Туѓман. Домашните банки одобруваа поволни кредити што се трошеа ненаменски. Тоа беа воени времиња кога не се посветуваше големо внимание. Неговиот раст беше незапирлив и под негово раководење влегоа и други познати фирми во Хрватска. Во 1995 година ја менува организациската структура на компанијата и станува „Агрокор концерн“.

Хрватска излегува од војната, а Тодориќ во 1996 година се споменува во првата поголема афера. Државата тогаш мораше да увезе брашно по мошне ниски цени затоа што Агенцијата за стоковни резерви дозволи извоз на пченица, која беше наменета за домашните потреби. Подоцнежната истрага за штета од 50 милиони куни никогаш не беше завршена.
Ширењето во соседните земји почнува во 2000 година кога купува неколку фирми во Босна и Херцеговина и во Србија. Подоцна презеде и неколку медиуми, а била основана и посебна маркетинг-агенција за да се завладее и со оние малку медиуми, кои би се осмелиле да пишуваат спротивно на интересите на компанијата. Тодориќ преку финансирањето на медиумите со години создаваше свој култ на човек што со сопствени раце и со труд заработил сѐ што има. За тоа дека беше генератор на неликвидноста затоа што не го плаќаше тоа што му е испорачано од фирмите не смееше да се зборува јавно. Селаните се бореа против Тодориќ, кој поради својата монополска позиција ги уценуваше при откупот на земјоделските производи. Наспроти ова, од врвот на власта се говореше дека тој го унапредил земјоделството во Хрватска. Тој ги диктираше цената за откупените производи и времето кога ќе плати. Во времето на премиерот Зоран Милановиќ, чија партија е сегашна опозиција, беше искажана познатата парола: „Интересот на ’Агрокор’ е интерес на Хрватска“, пишува „Индекс“.
На почетокот на минатата година стана јасно дека доаѓа крајот за владеењето на фамилијата Тодориќ, кога се распадна и сликата за успешноста на неговата компанија. Јавноста од сегашниот премиер Андреј Пленковиќ очекуваше дека компанијата ќе се сврти кон транспарентно дејствување, но тоа не се случи. Во аферата „Хотмејл“, која ја откри „Индекс“, се разоткри и моделот на дејствувањето на Ивица Тодориќ, но тој продолжи да функционира со нови лица, кои доаѓаат од привилегираната политичка групација.

Додека ХДЗ и привилегираните доставувачи слават поради постигнувањето на спогодбата за спас на „Агрокор“, даночните обврзници имаат причина за загриженост. Самата спогодба е замислена да се создадат „огледало-компании“, во кои ќе биде пренесена сопственоста на постојните фирми, но во нив нема да има место за досегашните акционери, а сопственици ќе бидат доверителите. Ова е на штета на десетина илјади мали акционери и на пензиските фондови. Државата во самиот почеток за спасување на „Агрокор“ се откажа од најмалку 1,2 милијарда куни, а вкупната сума што ќе падне на сметка на буџетот е уште поголема.