Словенечкиот претседател нема кому да му довери мандат за состав на влада

37

Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска го информираше Парламентот дека нема да номинира ниту еден кандидат за состав на влада, бидејќи ниту една партија не обезбедила мнозинство по изборите одржани на 3 јуни.

Во писмото упатено до претседателот на Парламентот Матеј Тонин, Пахор соопшти дека по консултациите со шефовите на пртатеничките групи, утврдил дека никој ги нема неопходните гласови за да може да формира влада.

На парламентарните избори победи Словенечката демократска партија на Јанез Јанша, кој не успеа да склучи коалициски договор со други партии.

Денеска измина законскиот рок од 30 дена за доделување на мандатот и поради тоа во писмото испратено до Тонин, Пахор бара од него да ги запознае парламентарците со ситуацијата.

Според словенечкиот закон, Парламентот може да кандидира кандидати за премиер во следните 14 дена. Доколку и по вториот круг преговори ниту еден кандидат не обезбеди мнозинство, тогаш во текот на есента Словенија ќе треба да спроведе предвремени парламентарни избори.