Силниот ветер предизвика материјална штета во Хрватска и Црна Гора

136

Силните ветрови и високите бранови кои во Јадранското Море достигнаа до пет метри височина, предизвикаа прекин на многу фериботски линии во хрватскиот град Сплит.

Температурата во Далмација падна за десет степени, а на Биоково беа измерени само 3,3 степени Целзиусови. Силниот ветер и дожд предизвикаа сообраќаен метеж во Сплит во попладневните часови, со оглед на тоа што на повеќе места имало превртени контејнери и скршени дрвја.

Бури со силни ветрови и дождови ја зафатија и областа Макарска. Брзината на ветерот достигнала и до 100 километри на час, а во прекин е и фериботската линија Сумартин-Макарска.

И во Црна гора невремето предизвика големи штети. Комисијата за утврдување на штети ќе утврди колку штета предизвикало невремето што вчера ја зафати Подгорица, соопшти градоначалникот Иван Вуковиќ.

Тој рече дека ќе вложи максимални напори последиците од невремето да бидат што побрзо санирани. Во градот не работеле многу семафори, што предизвикало хаос во сообраќајот. Ветерот, кој дувал со 80 километри на час, предизвикал многу штета на електродистрибутивната мрежа поради што жителите во центарот на Подгорица три часа биле без струја.