Силна промоција на историскиот ревизионизам

361

Хрватска е една од најпроблематичните земји во Европа, кога се во прашање историскиот ревизионизам и релативизирањето на злосторствата во Втората светска војна, се наведува во извештајот на истражувачите од универзитетите „Јејл“ и „Гринел“.

Во извештајот за ревизија на холокаустот, во кој се говори за начинот на кој поединечни држави во ЕУ се занимаваат со наследството од злосторствата од Втората светска војна, се наведува дека Хрватска има еден од најлошите проблеми со историскиот ревизионизам, а и другите нови членки на ЕУ во Средна Европа, како што се Унгарија, Литванија и Полска, пишува „Балканинсајт“.

Во овој извештај се укажува на континуираната употреба на усташкиот поздрав, како и на нејасниот став на хрватската влада и Католичката црква кон наследството на холокаустот, исто така постојат и контроверзии со логорот „Јесеновац“ и објавувањето книга во која се намалува бројот на жртвите во него. Хрватска пати од недостиг од консензус за главниот воен концентрационен логор во Јасеновац и во изминатите три години еврејската, српската и ромската заедница ги бојкотираат официјалните комеморации.