Силна буџетска поддршка за хрватската економија

139
Финансиска порака за солидарност до сите фирми и граѓани, премиерот Андреј Пленковиќ

Програмата за економска помош за наредните три месеци ќе го чини државниот буџет 45 милијарди куни, или 11 отсто од БДП. Мерките (вкупно 63) за стимулирање на националната економија се поделени во 12 точки

ХРВАТСКА

Премиерот Андреј Пленковиќ вчера пред пратениците во хрватскиот парламент го претстави економскиот пакет мерки за поддршка на домашната економија и на граѓаните за премостување на периодот додека трае епидемијата од коронавирусот. Здруженијата и коморите на хрватските претприемачи со позитивни реакции го пречекаа првиот пакет на Владата за помош на економијата. Програмата за економска помош за наредните три месеци ќе го чини државниот буџет 45 милијарди куни, или 11 отсто од БДП.

Мерките (вкупно 63) за стимулирање на националната економија се поделени во 12 точки. Првата се однесува на зголемување на државната исплата на минималецот, со кој ќе бидат опфатени 65 илјади претпријатија со 400 илјади вработени. Оваа поволност е наменета за работодавците, чиј приход ќе падне над 20 отсто, а се исплатува за секој вработен по 4.000 куни. Државата ќе го преземе плаќањето на придонесите за овој износ, така што вкупната субвенција за еден работник ќе достигне до 5.460 куни. За тримесечна исплата на минималецот се издвоени 8,5 милијарди куни од државниот буџет.

– Сѐ што правиме е да испратиме порака за солидарност за сите во вонредните услови на хрватското општество. Пакетот мерки почна да живее. Даночната управа прими 65 илјади барања, од кои 64 отсто не се решени. Компаниите доставија 70 илјади барања за зачувување на работните места на 420.000 работници. Исплатена е помош за 123 илјади работници и 40.000 работодавци – изјави премиерот Пленковиќ пред пратениците.
На претпријатијата што ќе имаат пад на приходите од 20 до 50 отсто ќе им се овозможи одложување на плаќањето на данокот на доход, данокот на добивка и на социјалните придонеси. На претпријатијата што имаат приход до 7,5 милиони куни, а кои имаа намалување на приходите над 50 отсто, целосно ќе им бидат отпишани даноците и придонесите во следните три месеци. Компаниите што остваруваат приходи до 7,5 милиони куни, а кои имаат пад на приходите од 50 до 100 отсто, ќе бидат ослободени од плаќање на данокот и придонесите во период од три месеци, пропорционално со намалување на приходите.

Фирмите што имаат приходи над 7,5 милиони куни ќе можат да го платат данокот на додадена вредност при наплатата на фактурите. Оваа мерка, според економските аналитичари, претставува вистинска „базука“ во програмата на хрватската влада. Министерот за финансии Здравко Мариќ објасни дека оваа мерка не е во согласност со прописите на Европската Унија, затоа што за секоја промена во системот на ДДВ мора да се договори со ЕУ.
Владата на премиерот Андреј Пленковиќ најавува максимална штедливост и ќе ги покрива најнеопходните расходи, но ќе ги намали и укине и парафискалните давачки. Владата може да влезе и во процес на селективно и прогресивно намалување на платите во јавната администрација, но тоа нема да се однесува на вработените во здравството, полицијата и на војската.

Заради поттикнување на домашното стопанство, се препорачува јавните претпријатија, фирми и граѓаните да купуваат домашни производи, а на јавните конкурси од секторите здравство, војска и полиција, предност да им се даваат на домашните компании. Ќе биде донесена и привремена мерка за откуп на пазарните вишоци за малите млекарници, што е една од мерките за заштита на хрватското земјоделско производство.
Програмата со мерките за помош на економијата отвора некои прашања, а основното е од каде ќе се обезбедат 45 милијарди куни, колку што изнесува вкупниот финансиски пакет, се прашува Френки Лаушиќ, во својата анализа објавена во „Јутарњи лист“.
– Неофицијалните информации од Владата говорат дека државната помош ќе изнесува околу 10 отсто од БДП. Тоа се 45 милијарди куни, кои во наредните три месеци треба да се обезбедат преку задолжување.

Можеме само да прогнозираме колку ќе биде вкупниот минус што ќе го прикажат фирмите. Министерот за финансии на последната седница на Владата не даде податоци за состојбата на буџетот во првите четири месеци, како и начелни проекции за ребалансот за целата година – појаснува Лаушиќ.
Од хрватската влада најавија ново задолжување на државата на домашниот и странските пазари на капитал, но и кај институциите на Европската Унија и Светската банка. Некои од економистите препорачуваат Хрватска да се обрати и кај ММФ, наместо да се посегнува по парите од вториот пензиски фонд, како што предлагаат некои финансиски консултанти.