Се урна грчки воен авион, загина пилотот

113

Пилотот го загуби животот, додека пак копилотот успеа да го преживее падот на авионот за обука на грчкото воено воздухопловство за време на специјална вежба помеѓу грчките градови Триполи и Спарта на полуостровот Пелопонез, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопшти военото воздухопловство на Грција, во 8 часот и 50 минути утрово, пилотот и копилотот го напуштиле авионот. Копилотот употребил падобран и преживеал, додека, пак, пилотот Николаос Василиу бил пронајден мртов во делот каде што паднал авионот.

И двајцата пилоти биле со големо искуство со околу 2500 часови лет.

Причините за несреќата засега се непознати, а Генералштабот на военото воздухопловство на Грција назначи експертска комисија за да се истражат околностите под кои урна авионот.